Како би ги оцениле предизвиците со кои се соочивте во овие месеци од вашиот мандат. Дали се во рамки на вашите очекувања?

Одговор: Искрено, кога влегов во Градот знаев дека предизвикот ќе биде огромен. Не влегов со илузии, туку со целосна свест дека пред нас стои сериозна задача, да го вратиме Скопје на нозе по години на запоставување, неодговорност и системско уништување.
Затекнавме состојба која слободно можам да ја наречам хаос.
Огромен долг од околу 300 милиони евра, речиси без средства за исплата на плати, а уште на самиот почеток пристигна и извршно решение за наплата. Јавните претпријатија беа доведени во исклучително тешка состојба – руинирани камиони за собирање смет, автобуси оставени во гаражи поради мали дефекти, нефункционални служби, а граѓаните секојдневно се соочуваа со смет, неред и чувство дека градот е оставен сам на себе.
Тоа беше реалноста што ја наследивме.
Но, не баравме изговори.
Од првиот ден почнавме со силно темпо, со работа на терен, со непроспиени ноќи и со целосна мобилизација на службите.
Успеавме да го вратиме редот, да ги раздвижиме јавните претпријатија и да покажеме дека кога има волја, одговорност и организација, Скопје може повторно да функционира.
Дали предизвиците беа во рамки на моите очекувања? Да, знаев дека ќе биде тешко.
Но, искрено, размерите на хаосот што го затекнавме беа уште поголеми од она што јавноста можеше да го види однадвор.
Сепак, токму затоа ја побарав довербата од граѓаните, за да се соочиме со проблемите, а не да бегаме од нив.
Ова е само почеток.
Најтешкиот дел беше да се запре пропаѓањето и да се врати основниот ред. Сега следува период на развој, на проекти и на видливи резултати.
Ги уверувам скопјани дека Скопје има иднина, и тоа убава иднина.
Ќе треба работа, дисциплина и време, но градот повторно ќе биде горд, чист, функционален и достоинствен дом за сите нас.

Дали и што сменивте во раководењето со главниот град, а на што сте особено горди?

Одговор: Сменето е многу, би рекол, сменета е суштината на раководењето со главниот град.
Прво и најважно, го отворивме Градот.
Скопје не смее да биде затворена институција, одвоена од граѓаните, со рампи, дистанца и бирократски ѕидови.
Градот мора да биде сервис на граѓаните, а не место каде што граѓаните ќе молат за нешто што им следува.
Затоа ги тргнавме тие бариери и ја вративме институцијата таму каде што ѝ е местото, блиску до луѓето.
Се смени и начинот на работа. Се врати дисциплината, одговорноста и редот. Јавно кажав дека нема да дозволам некој да седи дома, да не доаѓа на работа, а да зема плата од парите на граѓаните. Тоа беше пракса во минатото и со тоа мораше да се стави крај. Денес, вработените знаат дека секој мора да го даде својот придонес, секој мора да работи и секој мора да одговара за задачите што ги има.
Особено сум горд што ја вративме работната атмосфера.
Денес во Градот има енергија, има желба за работа, има движење. Јавните претпријатија повторно се активирани, службите се на терен, граѓаните ги добиваат услугите побрзо и понавремено, а неажурноста која со години создаваше револт кај скопјани полека ја оставаме зад нас.
За мене, најголемата промена не е само во проектите, туку во пристапот.
Градот повеќе не е институција која чека проблемите да станат поголеми.
Градот мора да реагира, да решава и да биде присутен. Токму тоа го сменивме – го вративме духот, ја вративме одговорноста и ја вративме вербата дека Скопје може и мора да се води поинаку.

" "

Дали сметате дека потфрливте некаде во овие месеци?

Одговор: Секогаш може подобро. Тоа е мојот пристап и како човек, и како градоначалник. Никогаш не сум сметал дека нешто е доволно добро ако може да биде уште подобро за граѓаните.
Но, искрено, не сметам дека потфрливме. Напротив, би рекол дека заедно со мојот тим, во еден исклучително тежок период, направивме и нешто што на моменти изгледаше невозможно. Граѓаните понекогаш не можат да ја видат целата слика преку социјалните мрежи или медиумите, но хаосот што го затекнавме и што почнавме да го решаваме беше навистина огромен.

Се случува граѓаните да реагираат и да се пожалат, особено кога станува збор за сметот, и јас тоа го разбирам. Но, разликата од минатото е суштинска, денес Скопје е чист и поорганизиран град.
Не велам дека нема проблеми, туку велам дека конечно има систем, има реакција, има ред и има одговорност.
Мора да се знае и дека ние ја наследивме истата механизација, истите камиони, истите ограничени капацитети. Немавме нова опрема со која преку ноќ ќе направиме чудо. Но, и со тие капацитети, со подобра организација, дисциплина и работа на терен, успеавме да воспоставиме ред. Тоа покажува дека проблемот не бил само во опремата, туку и во начинот на раководење.
Во меѓувреме, за многу краток период, со поддршка на Владата, обезбедени се нови возила за „Комунална хигиена“, кои очекуваме да бидат испорачани.
Исто така, во тек е и набавка на повеќе од 2000 контењери.
Тоа дополнително ќе ја зголеми ефикасноста и ќе овозможи уште подобра услуга за граѓаните.
Затоа велам, не потфрливме. Напротив, го вративме градот на нозе. Но, не застануваме тука. Секогаш може подобро и јас гарантирам дека ќе биде подобро. Скопје заслужува континуирана работа, ред и резултати, а ние тоа ќе продолжиме да го испорачуваме.

Дали сметате некогаш дека подобро ќе ви беше да останавте градоначакник во Кисела Вода?

Одговор: Кисела Вода секогаш ќе има посебно место во моето срце. Тоа е општина во која оставив многу труд, енергија, посветеност и резултати, и нормално е човек да чувствува посебна поврзаност со средината во која работел и каде што заедно со граѓаните направил сериозни промени.
Но, никогаш не сум размислувал во насока дека „подобро ќе ми беше“ да останам таму. Јас не бегам од предизвици.
Напротив, секогаш сум верувал дека кога граѓаните ќе ви дадат доверба, особено за главниот град, тоа е голема чест, но и огромна одговорност.
Скопје беше во тешка состојба и токму затоа ја прифатив оваа задача.
Знаев дека нема да биде лесно, знаев дека ќе има притисоци, проблеми и наследени состојби кои не се решаваат преку ноќ.
Но, исто така знаев дека ако некој мора да влезе во тој процес, да го преземе товарот и да почне да го враќа градот на вистински пат, тогаш тоа треба да го направиме храбро, чесно и со многу работа.
Кисела Вода беше важна животна и политичка школа за мене, но Скопје е уште поголема одговорност.
Денес мојата цел е целото Скопје да го почувствува истиот пристап – работа на терен, решавање проблеми, отчетност и резултати.
Затоа, не жалам. Напротив, благодарен сум за довербата. Секој ден е тежок, но секој ден е и можност да направиме нешто добро за градот и за скопјани.

Како се соочивте со последиците од невремето пред неколку дена. Имаше доста критики во ваша адреса?

Одговор: Скопје пред неколку дена беше зафатено од навистина силно невреме, какво што не се памети во последните години. Тоа не е само личен впечаток, туку го покажуваат и бројките, количината на паднат дожд за краток временски период беше исклучително голема и нормално е во такви околности да се создадат сериозни предизвици на одредени критични точки во градот.
Имаше реакции дека не се чистат шахтите и сливниците, но тоа морам јасно да го демантирам.
Сливниците и шахтите се чистат секојдневно, во континуитет, во сите делови на градот. Досега се исчистени повеќе од 20.000 сливници, а екипите постојано работат на терен. Но, кога за кратко време ќе падне огромна количина дожд, системот се соочува со притисок кој бара брза, организирана и координирана реакција.
Токму тоа и го направивме. Кризниот штаб беше активиран веднаш, екипите на јавните претпријатија излегоа на терен во секоја населба, а и јас лично бев заедно со нив на критичните локации. Не седевме во канцеларии, не чекавме проблемот сам да помине, туку реагиравме веднаш. За околу 40 минути по невремето, состојбата беше ставена под контрола.
Критики имаше, и тоа е нормално во демократија. Секој има право да критикува. Но, разликата е во тоа што некој работи на терен, а некој чека невреме за да напише статус на социјалните мрежи.

Јас немам намера да влегувам во дневнополитички препукувања, особено кога станува збор за состојби кои бараат одговорност, координација и сериозност.
Нашата работа е да реагираме, да решаваме и да бидеме таму каде што им е потребна помош на граѓаните. Така беше и овој пат. Ние ќе продолжиме да работиме, да го унапредуваме системот и да ги санираме слабостите што со години биле оставани нерешени. Критиките ќе ги слушнеме кога се конструктивни, но нема да дозволиме политички статуси да ја засенат работата на луѓето кои таа ноќ беа на терен и го заштитија градот.

Кои се капиталните проекти кои можат да ги очекуваат скопјани во наредниот период?

Одговор: Скопјани во наредниот период може да очекуваат сериозни капитални проекти, кои ќе бидат решенија што ќе го променат ликот, функционирањето и иднината на главниот град.
Морам да напоменам дека не зборуваме за обични проекти, туку за заглавени проблеми кои со години, а некои и со децении, не биле решени. Нашиот пристап е да не ги заобиколуваме тешките прашања, туку влегуваме директно во нивно решавање.
За многу кратко време од моето доаѓање на позицијата градоначалник, го откочивме проектот „Момин Поток“, каде сега се работи со сериозна динамика. Станува збор за еден од најважните инфраструктурни проекти за Скопје, каде се градат три моста, а едната коловозна лента е речиси при крај. Тоа е проект кој ќе го растовари сообраќајот и ќе донесе многу подобра поврзаност во овој дел од градот.
Го откочивме и мостот кај „Љубљанска“, проект кој исто така беше заглавен, а денес таму се работи со силно темпо. Истото го направивме и со мостот „Генерал Михајло Апостолски“, кој со години беше симбол на нефункционалност и во јавноста беше познат како „мостот за ловење риба“. Таму проблем беа нерешените имотно-правни односи, но со посветеност и силна динамика успеавме да го придвижиме процесот. Сега се расчистува трасата и по завршувањето на градежните активности, мостот конечно ќе биде ставен во функција.
Започнавме и со довршување на булеварот „Борис Трајковски“, проект кој 30 години се ветувал. И таму главна пречка беа имотно-правните односи, но ги решивме во краток рок и денес на терен се работи. Очекуваме најголем дел од овие проекти да бидат завршени до крајот на оваа година.
Паралелно, го започнавме и проектот кај „Лимак“, односно булеварот „Македонија“, каде Скопје ќе ја добие првата подземна сообраќајница. Тоа е проект од огромно значење, кој ќе донесе ново, модерно и урбано сообраќајно решение во централното градско подрачје.
Пред неколку дена, заедно со колегата Дарко Костовски од Бутел, информиравме дека започнува реконструкцијата на улиците „Бутелска“ и „Радишанска“, два значајни потези за жителите на Бутел и за подобро поврзување на тој дел од градот.
Но, ова е само дел од она што следува. Пред нас се изградба на Луна Парк, нови поврзувања, кружни текови, булеварски решенија и бројни други проекти предвидени во мојата програма. Скопје предолго чекаше на решенија. Сега тие решенија се случуваат.
Тука, морам да напоменам и дека имаме силна, како никогаш досега поддршка од Премиерот Христијан Мицкоски и Владата кои со дела покажуваат како се сака градот и државата.

За нашите читатели на порталот Лидери.мк ќе биде интересно да ни кажете за проектите кои ги планирате и реализирате во Чаир и во Сарај?

Одговор: Најнапред, дозволете ми да ги поздравам сите читатели на Лидери.мк.
Во мојата програма јасно е предвидено дека развојот на Скопје мора да биде рамномерен. Тоа значи дека ниту една општина, ниту една населба и ниту еден граѓанин не смее да биде заборавен.
Скопје е дом на сите нас, а тој дом мора да се развива подеднакво, со конкретни проекти, со инвестиции и со реални решенија за секојдневните проблеми на граѓаните.

Кога зборуваме за Сарај, планираме и реализираме повеќе значајни проекти. Предвидена е изградба на монтажен паркинг кај туристичкиот локалитет Матка, што ќе биде од големо значење и за жителите, и за посетителите, но и за подобра организација на сообраќајот во тој дел.

Дополнително, планираме ново осветлување, реконструкција на главната улица, уредување на кејот, како и сериозно подобрување на јавните површини.
Пред неколку дена, заедно со градоначалникот Мухамед Елмази, започнавме и со расчистување на дивата депонија, простор кој наместо да биде срам и проблем за граѓаните, ќе прерасне во уредена зелена површина. Тоа е нашата визија – местата кои со години биле запуштени да ги претвораме во простори за живот, рекреација и достоинствено секојдневие.
Во Сарај ќе работиме и на реконструкција на запуштениот мега парк, со цел граѓаните повторно да добијат простор каков што заслужуваат.
Во Чаир, пак, еден од најважните проекти е проширувањето на булеварот „Цветан Димов“. Тоа е децениско ветување кон чаирчани, ветување кое конечно ќе стане реалност. Кај мене зборот е збор, и она што е ветено пред граѓаните, заедно со колегата Изет Меџити ќе го исполниме.
Овој проект е од огромно значење за подобар проток на сообраќајот, поголема безбедност и поквалитетно функционирање на овој дел од градот.
Дополнително, предвидуваме изградба на монтажна катна гаража кај „Чаирчанка“, со што ќе се одговори на еден од најголемите проблеми на жителите, а тоа е недостигот на паркинг-простор. Ќе работиме и на изградба на булеварот „Македонско-косовска бригада“, проект кој ќе донесе нова инфраструктурна вредност и подобра поврзаност.
Суштината е едноставна, Чаир и Сарај, но и секоја друга општина во Скопје ќе добијат внимание, работа и проекти.
Не делиме граѓани по општини, населби или политичка припадност.
Нашата обврска е да работиме за сите. Скопје мора да биде град кој се развива рамномерно, праведно и со визија, а токму тоа го правиме.

Али Тобако е тргнато од Бит Пазар, што ќе се случи со мостот и преминот, кој сеуште не е обележан пешачки премин?

Одговор: Не станува збор само за „Али Тобако“. Нашата определба е јасна уште на почетокот, да работиме на отстранување на сите нелегални времени објекти кои го узурпираат јавниот простор и го нарушуваат нормалното движење на граѓаните.
Скопје мора да биде град на ред, а не град во кој секој ќе поставува што сака, каде сака и како сака. Граѓаните имаат право на слободни тротоари, безбедни пешачки патеки, функционални велосипедски патеки и уреден јавен простор. Таа пракса од минатото, во која јавниот простор беше узурпиран и претворен во приватен интерес, мора да заврши. Ред мора да има и ред ќе има.
Во однос на преминот кај Бит Пазар, ќе пристапиме внимателно и одговорно. Свесни сме дека таму постои потреба на граѓаните, но секое решение мора да биде безбедно, сообраќајно издржано и во интерес на луѓето што секојдневно се движат на тој потег.
Ние ќе се водиме од волјата и потребите на граѓаните. Довербата ја добиваме од нив и затоа нивниот глас за нас е најважен. Ќе разговараме, ќе ги разгледаме сите можности и заедно со стручните служби ќе најдеме решение кое ќе биде најсоодветно, најбезбедно и најкорисно за граѓаните.
Нашата цел не е само да отстраниме нелегални објекти, туку да ослободиме простор, да воведеме ред и да создадеме град кој функционира подобро за сите.

Г Ѓоргиевски ви благодариме за ова кратко интервју и за издвоеното време, секако со можност на крај од интервјуто да кажете нешто што не беше опфатено во нашите прашања, а сметате дека е значајно за јавноста?

Одговор: Јас вам ви благодарам за честа и можноста да бидам дел од вашето интервју и да се обратам до вашите читатели.
Сметам дека токму преку ваква отворена комуникација граѓаните најдобро можат да знаат што се случува со нивниот град, кои проекти се реализираат, што следува и во која насока се движи Скопје.
На крај, пред сè, сакам да им посакам добро здравје, мир и спокој на сите скопјани.
Сакам да им порачам да веруваат во својот град, затоа што Скопје има сила, има душа, има луѓе кои го сакаат и заслужува повторно да биде град на кој сите ќе бидеме горди.
Пред нас е работно лето.

Следува период на силна динамика, многу работа на терен, посветеност и реализација на бројни проекти во секоја сфера – инфраструктура, хигиена, јавен превоз, зеленило, паркирање, уредување на јавни површини, спорт, култура и подобри услови за секојдневниот живот на граѓаните.
Јас не верувам во празни зборови, верувам во работа, во резултати и во даден збор. Затоа ќе продолжиме со истото темпо, блиску до граѓаните, на терен, со решенија. Скопје повторно да биде функционален, модерен и достоинствен главен град.
Најважно е што ова не е проект на еден човек, ниту на една институција.
Ова е заедничка обврска и заедничка мисија. Заедно со скопјани, со многу труд, одговорност и љубов кон градот, повторно ќе го претвориме Скопје во гордост.

sqShqip